Младите европски принцези постепено созреваат, па „стариот континент“ во следната деценија би можел истовремено да добие неколку владејачки кралици.
Промената не доаѓа преку ноќ. Таа е резултат на правната реформа позната како апсолутна примогенитура - принцип според кој престолот го наследува најстарото дете на монархот, без оглед на полот. Со тоа повеќевековните традиции што ги фаворизираа машките наследници отстапија место на современото сфаќање за родова рамноправност.
Современите европски суверени држави немаат политичка моќ во класична смисла, туку нивната улога е уставна, симболична и дипломатска. Токму затоа од идните кралици се очекува да бидат високо образовани, да поседуваат меѓународно искуство, комуникациски вештини и разбирање за современите општествени предизвици - од климатските промени до дигиталната безбедност. Доколку начинот за наследување на круната не се промени, Европа во една генерација би можела речиси истовремено да добие дури четири жени монархињи.
Во Белгија прва во редот за престолот е принцезата Елизабет, најстарата ќерка на кралот Филип и кралицата Матилда. Државата уште во 1991 година го измени Уставот и воведе апсолутна примогенитура, со што стана една од првите европски монархии што го направија овој чекор. Елизабет е родена во 2001 година и ја носи титулата војвотка од Брабант. Нејзиното образование е внимателно осмислено за да одговори на барањата на модерната уставна монархија. Средното образование го завршила на колеџот УВС Атлантик (UWC Atlantic College) во Велс, потоа преминала на воена обука на Кралската воена академија во Белгија, а студиите ги продолжила на Универзитетот Оксфорд. Учеството во јавни церемонии, меѓународни посети и општествени иницијативи веќе се дел од нејзиното секојдневие. И покрај сложениот политички систем во земјата, идната кралица се гледа како симбол на единството.
Во Холандија наследничка на тронот е принцезата Катарина Амалија, најстарата ќерка на кралот Вилем Александер и кралицата Максима. Холандија уште во 1983 година го реформираше законот за наследување, отстранувајќи ја половата дискриминација. Амалија е родена во 2003 година и ја носи титулата принцеза од Орање. Студира политика, психологија, право и економија на Универзитетот во Амстердам. Иако млада, веќе учествувала во државни настани како Принсјесдаг, кога кралот го чита говорот од престолот. Поради закани за нејзиниот живот поврзани со организиран криминал, извесен период живеела под засилени мерки на заштита, што дополнително го насочи вниманието на јавноста кон предизвиците на современиот кралски живот.
Во Шпанија прва во редот за престолот е принцезата Леонор, ќерка на кралот Филипе VI и кралицата Летиција. Иако Шпанија формално сè уште применува систем што им дава предност на машките наследници, Леонор останува наследничка бидејќи нема брат. Родена во 2005 година, таа ја носи титулата принцеза од Астурија. Се школувала во Шпанија и Велс, а во 2023 година започнала тригодишна воена обука во шпанските вооружени сили - традиционален чекор за идните монархињи. Веќе претседава со доделувањето на наградите на фондацијата „Принцеза од Астурија“ и одржува говори што ја одразуваат нејзината подготовка за јавната улога што ја очекува.
Норвешка во 1990 година ја усвои апсолутната примогенитура, а денес наследничка на престолот е принцезата Ингрид Александра, ќерка на престолонаследникот Хаакон. Таа е втора на ред за наследување, веднаш по својот татко. Родена во 2004 година, Ингрид Александра станала симбол на модернизација на норвешката монархија. Завршила воена обука и активно учествува во јавни настани. Нејзиното полнолетство било одбележано со свечена гала-прослава во Осло, на која присуствувале бројни европски престолонаследници, најавувајќи генерациска смена во дворците.
Доколку актуелните начини за наследување на титулата се задржат, Европа во една генерација би можела да добие и петта жена на престолот. Така, за првпат во современата историја, на чело на повеќе европски монархии истовремено би можеле да се најдат жени - како ново лице на континенталната традиција што се прилагоди на времето, задржувајќи ја симболиката, но менувајќи ги правилата за наследување, и во духот на еднаквоста.

