Досега непозната слика од Рембрант откриена од „Рајкс-музејот“ во Холандија

3.03.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Досега непозната слика од Рембрант откриена од „Рајкс-музејот“ во Холандија

Музејот денеска соопшти дека, благодарение на најсовремената технологија за скенирање и стилската анализа, истражувачите успеале да ја потврдат автентичноста на сликата од 1633 година. Испитувањата траеле две години. Истражувачите притоа откриле дека такви бои биле користени и во други дела на Рембрант од овој период. Техниката на сликање и структурата на слоевите на бојата, според наводите, се споредливи и со другите рани дела на овој уметник. Делото наречено „Визија на Захарија во храмот“ неодамна му беше подарено на музејот од приватна колекција, заради проучување. Се очекува делото да биде изложено за јавноста од 4 март оваа година. 

„Проучувањето на материјалите, стилските и тематските сличности, промените направени од Рембрант и целокупниот квалитет на сликата го поткрепуваат заклучокот дека оваа слика е автентично дело од Рембрант ван Рајн“, соопшти музејот.

Делото прикажува библиска сцена во којашто архангелот Гавриел го посетува свештеникот Захарија за да објави дека ќе има син, идниот Јован Крстител. Самиот архангел не е прикажан на многу темната слика, но светлината од горниот десен агол на сликата укажува на неговото пристигнување и ги истакнува контурите на свештеникот и златната облека. Изненадениот израз на неговото лице ја покажува недовербата на Захарија, се наведува.

До 1960 година, сликата не му се припишувала на Рембрант - се верувало дека е дело на друг сликар близок на познатиот уметник. Во 1961., платното било купено од приватно лице, а потоа  и оставено на заборавот. Сегашниот сопственик го открил потписот на Рембрант, контактирал со музејот и им дозволил на компетентните лица да ја испитаат сликата.

- Следствено, подробното проучување на делото, коешто вклучувало и макро-рентгенски флуоресцентни скенирања и споредби со други дела од уметникот, потврдила дека Рембрант е авторот, изјави Џонатан Бикер, кустос и стручњак за холандски слики од 17. век.

Рембрант Хармензон ван Рајн (1606 - 1669) е еден од најпознатите холандски уметници. Тој се смета за дел од барокот и златното доба на холандското сликарство, а стилот на сликање на Рембрант продолжува да влијае врз уметноста до ден денешен. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата