„Бенк оф Америка“ постигна спогодба во тужбата за случајот поврзан со Епстин

17.03.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
„Бенк оф Америка“ постигна спогодба во тужбата за случајот поврзан со Епстин

Американската банка „Бенк оф Америка“ (БофА) постигна начелна спогодба во граѓанската тужба поднесена од жени кои ја обвинуваат банката дека овозможила финансиски трансакции поврзани со сексуалната злоупотреба извршена од осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, покажува денеска објавената судска документација.

Адвокатите на банката и на жените кои ја поднесоа тужбата му пренеле на судијата на Окружниот суд на САД на Менхетн, Џед Ракоф, за време на телефонски разговор на 12 март, дека постигнале „начелен договор“, се наведува во судскиот поднесок, пренесе „Гардијан“.

За да стапи во сила, спогодбата мора да биде одобрена од судијата Ракоф, а адвокатите на двете страни треба до 27 март да достават до судот правни документи за постигнатиот договор, додека рочиштето е закажано за 2 април, кога судијата треба да го разгледа потврдувањето на спогодбата. Адвокатката на подносителките на тужбата, Сигрид Меколи, соопшти дека решавањето на случајот против БофА е „уште еден чекор кон заслужената правда“.

Колективната тужба беше поднесена во октомври од страна на жена која го користела псевдонимот Џејн До. Во тужбата се наведува дека втората по големина банка во САД ги игнорирала сомнителните финансиски трансакции поврзани со Епстин, и покрај „мноштвото“ информации за неговите злосторства, бидејќи профитот го ставила пред заштитата на жртвите.

БофА, пак, наведе дека во тужбата само се тврди дека банката давала вообичаени услуги на лица кои во тоа време немале познати врски со Епстин, оценувајќи ги тврдењата за подлабока инволвираност како „површни и без основа“. Судијата Ракоф во јануари пресуди дека банката мора да се соочи со наводите во тужбата дека свесно имала корист од трговијата со луѓе на Епстин со цел сексуална експлоатација и дека ја попречувала примената на сојузниот Закон за заштита на жртвите од трговија со луѓе.

Меѓу трансакциите на кои се укажува во тужбата се и уплатите за Епстин извршени од Леон Блек, милијардер и соосновач на компанијата „Аполо Глобал Менаџмент“. Блек во 2021 година поднесе оставка од функцијата извршен директор на „Аполо“ откако истрагата утврди дека му платил 158 милиони долари на Епстин за даночно и имотно планирање. Блек требаше да биде сослушан под заклетва на 26 март од адвокатите на жените и на БофА, но тоа сослушување, според очекувањата, нема да се одржи поради постигнатата спогодба. Судењето закажано за 11 мај исто така нема да се одржи доколку судијата Ракоф го одобри договорот.

Адвокатите на подносителките на тужбата покренаа тужби и против други лица и институции за кои тврдат дека ја овозможувале трговијата со луѓе на Епстин. Тие во 2023 година постигнаа спогодби од 290 милиони долари со банката „Џеј-Пи Морган Чејс“ и 75 милиони долари со „Дојче банк“ во име на неговите жртви.

Џефри Епстин почина во август 2019 година во затворска ќелија на Менхетн, каде што чекаше судење по обвиненијата за трговија со луѓе за сексуална експлоатација. Смртта, според наодот на њујоршкиот судски лекар, беше прогласена за самоубиство.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата