САД ѝ врати украдена бронзена статуа што го претставува Марко Аврелиј на Турција

7.08.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
САД ѝ врати украдена бронзена статуа што го претставува Марко Аврелиј на Турција

Бронзена статуа којашто го претставува римскиот император Марко Аврелиј, и којашто била украдена од древно наоѓалиште - градот Бубон, кај Бурдур, југозападна Турција, а десетлетија потоа - и изложена во Музејот на уметност во Кливленд, САД, ѝ е вратена на Турција по 65 години. Враќањето на статуата беше овозможено благодарение на соработката на турското Министерство за култура и туризам, Канцеларијата на окружниот обвинител на Менхетен и Министерството за внатрешна безбедност на САД.

„Статуата на Марко Аврелиј, што датира од 2. или 3. век н.е., е уникатно дело од историјата на древната уметност, поради нејзиното прикажување на римскиот император како филозоф. Се смета за една од најубавите бронзени скулптури во Анадолија. Вистинското потекло на статуата го откри професорката Чале Инан - првата жена археолог во Турција. Нејзиното истражување помогна да се отвори патот за враќање на статуата во Турција“, се вели во соопштението.

Министерот за култура на Турција, Мехмет Нури Ерсој го опиша враќањето на уметичкото како „историско достигнување“.

- Ова историско достигнување е овозможено со комбинираната моќ на дипломатијата, правото и науката. Враќањето во државата е дел од пошироката визија на Турција за зачувување и одржливо управување со своето богато културно наследство. Тоа е дел од проектот „Наследство за иднината“, којшто ги проширува ископувањата низ целата земја и во текот на целата година, изјави Ерсој.

Артефактот, според наводите, бил нелегално ископан и прокриумчарен од наоѓалиштето Бубон во Округот Голхисар во Покраината Бурдур, во 1960-тите. Уметничкото дело сменило неколку сопственици низ годините, пред да заврши во Музејот на уметност во Кливленд.

Американскиот Музеј првично поднесе жалба на наредбата за заплена и првично ја оспори врската на статуата со Бубон. Турција се согласи на научна анализа - силиконски отпечаток од стапалата е земен во 2024 година и се совпаѓа со основите пронајдени во Бубон.

Турските власти спроведуваат ископувања и реставраторски работи на бројни наоѓалишта, со цел - да се зголеми бројот на монументални археолошки дела на 800 до 2026 година. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата