Кралот Чарлс и оддаде почит на кралицата Елизабета Втора по повод стогодишнината од нејзиното раѓање

21.04.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Кралот Чарлс и оддаде почит на кралицата Елизабета Втора по повод стогодишнината од нејзиното раѓање

 Кралот на Велика Британија Чарлс Трети упати лична видео-порака во чест на својата мајка, покојната кралица Елизабета Втора, по повод сто години од нејзиното раѓање, во која наведе дека неговата мајка веројатно би била вознемирена од моменталната состојба во светот.

Во пораката снимена во Балморал, британскиот крал нагласи дека неговата мајка во текот на животот била сведок на големи промени, но низ сите децении останала постојана и посветена на народот на кој му служела, пренесе Би-Би-Си. Тој потсети и на оптимизмот на покојната кралица и нејзиното верување дека добротата секогаш ќе „преовлада“. Британскиот крал во пораката повика на „подобро утре“ засновано на мир, правда, просперитет и безбедност.

На денот на одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на најдолговечната британска монархиња, на кралот Чарлс и кралицата Камила ќе им биде претставен конечниот дизајн на традиционалната бронзена статуа на кралицата Елизабета Втора. Скулптурата, која ја изработи уметникот Мартин Џенингс, ја прикажува кралицата во помладите години, во церемонијална одора. Статуата висока три метри ќе биде поставена на постамент висок 3,4 метри во паркот Сент Џејмс во Лондон, а инспирирана е од портретот на кралицата кој во 1955 година го наслика Пјетро Анигони.

Споменикот ќе биде откриен точно сто години по нејзиното раѓање, 21 април 1926 година, кога тогашната принцеза Елизабета е родена во куќата во улицата Брутон во лондонски Мејфер.

Претседателот на Меморијалниот комитет на кралицата Елизабета, лорд Џанврин, рече дека статуата ја прикажува кралицата во нејзината јавна улога и го нагласува силното чувство за должност и посветеност на јавната служба. Меморијалниот проект во паркот Сент Џејмс, кој го осмисли тим предводен од архитектот лорд Фостер, вклучува и биста на кралицата од подоцнежните години, како и бронзена статуа на принцот Филип.

Планирана е и обнова на мостот во паркот, со стаклена ограда инспирирана од кралската тијара. Се очекува спомениците, сместени во централниот лондонски парк во близина на Бакингемската палата, да бидат завршени за околу две години. Во рамките на меморијалниот проект ќе биде инициран и дигитален дел со веб-страница на која граѓаните ќе можат да испраќаат свои пораки на сеќавање на покојната кралица. Веб страницата „queenelizabeth.com“, која претходно ѝ припаѓаше на бродската компанија „Cunard“, е донирана на меморијалниот центар на кралицата Елизабета Втора.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата