По реакциите на италијанската јавност, откако на една од неодамна реставрираните фрески во црквата „Свети Лаврентиј ин Лучина“ во центарот на Рим, еден ангел „го добил“ лицето на премиерката Џорџа Мелони, италијанското Министерство за култура испрати инспектори да ја проверат фреската за да утврдат дали имало несоодветни интервенции за време на реставрацијата.
Во светот на уметноста, каде што религијата, политиката и личниот печат на уметникот се испреплетени со векови, оваа вест деновиве привлече големо внимание кај италијанските и светските медиуми. Додека некои веруваат дека станува збор за безопасна случајност или уметничка слобода, други тврдат оти е несоодветно современите политички лидери да се појавуваат „скриени“ во светите дела. Спорното уметничко дело се наоѓа во капелата на базиликата, каде што посетителите ја забележаа впечатливата сличност, објави „Би-би-си“.
Очигледната сличност првпат е објавена на насловните страници на националните италијански весници во саботата, по што црковните и државните власти во Италија почнаа истрага.
Авторот на фреската, уметникот Бруно Валентити (83), ги отфрли обвинувањата за политичка пристрасност и рече дека едноставно го реставрирал своето дело, коешто го насликал во 2000 година. Тој тврди оти не го користел намерно ликот на Џорџа Мелони како модел за ангелот, туку едноставно ги освежил постојните бои и контури.
И парохискиот свештеник, монсињор Даниеле Микелети изјави дека сликите биле едноставно sамо ретуширани по неодамнешното оштетување од вода.
- Но, не ја разбирам „вревата“. Сликарите и порано ставале секакви работи на фреските, рече монсињор Микелети.
Самата Џорџија Мелони, според наводите, изјавила: „Дефинитивно не изгледам како ангел“, коментирајќи ги овие настани со доза иронија.
Опозиционите партии, исто така, побараа истрага. Ирена Манци од Демократската партија го нарече случајот - „неприфатлив“, додека Движењето Пет ѕвезди соопшти дека уметноста не смее да стане „алатка за пропаганда“, без разлика дали ја прикажува Мелони или некој друг.

Министерот за култура, Алесандро Џули им нареди на техничките службеници да ја испитаат сликата „за да ја утврдат природата на интервенцијата“ и да се утврдат следните чекори, се наведува.
Во меѓувреме, Римската бискупија потврди оти е запознаена со реставрацијата, но првично истакна дека ништо нема да се додаде или промени.
„Модификацијата на лицата на херувимите била иницијатива на декораторот и не била соопштена на надлежните органи“, според соопштението.
Подоцна беше објавено дека кардиналот Балдо Рејна, папскиот викар за Рим, веднаш ќе го истражи случајот „за да ја утврди евентуалната одговорност на вклучените“. Се наведува дека кардиналот „се дистанцира од изјавите на монсињор Микелети и го изразува своето разочарување за она што се случило“, нагласувајќи ја својата „посветеност на заштитата на уметничкото и духовно наследство“ од злоупотреба или експлоатација.

