За поддршка на семејствата со деца во Германија постојат два вида помош: детски додаток (Kindergeld) - месечна исплата на средства за деца, која од јануари 2023 година изнесува по 250 евра за дете, и надомест за деца (Kinderzuschlag) – наменет за семејства со деца со ниски приходи, кој се пресметува индивидуално за секое дете и може да изнесува до 250 евра месечно.
Но, во Германија, меѓу останатите давачки, се плаќа и задолжителен „придонес за осигурување на долгорочна нега“, кој по половина го покриваат работниците и работодавачите, чија стапка е повисока за лицата над 23-годишна возраст кои немаат деца, без разлика на причините за бездетност.
Од 1 јануари 2025 година, стапката на придонес за осигурување на долгорочна нега во Германија е утврдена на 3,6 отсто од вкупниот остварен бруто приход, при што по 1,8 проценти плаќаат и вработените и работодавачите. Но, за лицата постари од 23 години кои немаат деца, оваа стапка е повисока за 0,6 процентни поени и изнесува 4,2 отсто од бруто приходот и тие дополнителни средства одат исклучиво на сметка на вработениот.
Исклучок од ова е германската сојузна покраина Саксонија, каде распределбата на 3,6-те отсто за придонесот не е рамноправна, туку 2,3 проценти плаќаат вработените, а 1,3 отсто работодавачите. И во Саксонија важат дополнителните 0,6 процентни поени придонеси за лицата без деца, кои исто така се целосно на нивна сметка.
Во образложението на ваквата мерка се посочува дека овој дополнителен надомест има за цел да ги одрази „финансиските и другите трошоци поврзани со одгледувањето деца“. На тој начин, лицата без деца даваат поголем придонес во осигурувањето на долгорочната нега од оние со деца.
Покрај помладите до 23 години, од плаќањето на овие дополнителни средства се ослободени и лицата без деца родени пред 1 јануари 1940 година, како и примателите на социјална помош. Од плаќањето на овој дополнителен придонес се ослободени и лицата без деца кои не се во можност да се самоиздржуваат поради физичка, ментална или психолошка попреченост.
Средствата од овој придонес одат во посебен Фонд за обезбедување социјално осигурување за долгорочна нега, со кој управува германската централна Бундесбанка. Дополнително, германската Сојузна агенција за вработување во овој Фонд плаќа паушален дополнителен надомест од 20 милиони евра годишно на име придонеси за корисниците на надоместоци за невработеност, за работа со скратено работно време или за обука и стручно оспособување.
Целта на Фонд за обезбедување социјално осигурување за долгорочна нега е да овозможи сигурно финансирање на долгорочната нега и во иднина, особено во услови кога во пензија ќе заминат сите лица од т.н. „бејби бум“ генерација. Станува збор за генерации родени по Втората светска војна, па до средината на 60-те години на минатиот век, период кој се карактеризира со значително зголемување на стапката на природен прираст.
Како дополнителна помош за семејствата со повеќе деца, од 1 јули 2023 година се применува и намалување на основната стапка за придонеси за осигурување за долгорочна нега во зависност од бројот на издржувани деца на возраст до 25 години.
Така, стапката на овој придонес за лица со две издржувани деца изнесува 3,35 отсто, за со три деца 3,1 проценти, со четири деца 2,85, а за со пет или повеќе деца 2,6 отсто. Независно од висината на стапката, придонесот на работодавачот останува 1,8 отсто, односно 1,3 проценти во Саксонија, така што практично целото намалување е во полза на вработените со повеќе деца.
Преодниот период за потврда на бројот на деца за кои важи намалувањето на стапката за придонес беше до 30 јуни 2025 година. На оние лица на кои им е пресметувана основната стапка од 3,6 отсто по 1 јули 2023 година, предвидено е по утврдување на бројот на деца опфатени со оваа одредба, да им бидат вратени средствата наплатени во месеците по нејзиното стапување во сила.
Со цел да се намали административниот товар врз родителите, агенциите што ги пресметуваат придонесите и Фондот за осигурување за долготрајна нега, до 31 март 2025 година беа должни да воведат дигитална постапка за утврдување на бројот на деца што ги исполнуваат условите за намалување на стапката на придонесот.