Бизарен тренд ја зафати Кина: Луѓето масовно купуваат цуцли за возрасни за да спречат стрес

13.08.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Бизарен тренд ја зафати Кина: Луѓето масовно купуваат цуцли за возрасни за да спречат стрес

Сè повеќе Кинези купуваат цуцли-варaлици прилагодени за возрасни, кои чинат и до 70 долари.

Продавачите тврдат дека месечно продаваат и до 2.000 парчиња. Корисниците истакнуваат дека цуцлите им помагаат да се смират и да се ослободат од напнатост, слично како што тоа на бебињата им носи утеха. Некои ги користат и како средство за одвикнување од пушење, а еден продавач дури наведува дека цуцлите можат да помогнат и при апнеја во сон.

Овој необичен тренд има и своја психолошка позадина – станува збор за регресија, одбранбен механизам при кој возрасните, соочени со емоционални притисоци, прибегнуваат кон побезбедни и попознати обрасци од детството.

На социјалните мрежи како ТикТок трендот се проширил и надвор од Кина. Многу Американци објавуваат снимки како користат цуцли додека работат, патуваат или извршуваат секојдневни задачи под притисок.

Сепак, стоматолозите предупредуваат на можни последици од долготрајната употреба на овие цуцли. Танг Каомин, стоматолог од провинцијата Сечуан, нагласува дека користење подолго од три часа дневно може негативно да влијае на положбата на забите, да го отежне отворањето на устата и да предизвика болка при џвакање.

Психолозите додаваат дека, иако цуцлите можат да дадат моментално олеснување, тие не го лекуваат вистинскиот причинител на стрес или анксиозност, кои е важно да се решаваат на вистински начин, пишува BizLife.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата