Таа беше најпозната по шпионската трилер серија „Техеран“ којашто се прикажува на „Епл ТВ“ (Apple TV).
Причината за смртта сè уште не е потврдена, а грчките полициски службеници соопштија дека во овој миг станува збор за можно самоубиство, врз основа на првичните докази и сведоштва и пронајдените лекови. Еден била во Грција за снимањето на четвртата сезона од гореспоменатата ТВ-серија. Продуцентската куќа „Дона и Шула продакшнс“ ја потврди смртта на продуцентката.
Според наводите, на нејзиниот врат се видени и модринки, што отворило поинакви сомнежи. Се појавија и гласини дека ирански агенти биле вмешани во овој случај.
„Продуцентската куќа сака да разјасни дека гласините за смрт од криминална или националистичка природа се невистинити и неосновани“, се наведува во објавата на социјалните мрежи.
Израелскиот јавен радиодифузер Кан во официјално соопштение изјави: „Жалиме за смртта на нашата колешка и партнерка во долга низа продукции, серии и програми во Израелската јавна радиодифузна корпорација - Дана Еден. Дана беше меѓу високите личности во израелската телевизиска индустрија и одигра централна улога во создавањето и режирањето на некои од најистакнатите и највлијателни продукции на корпорацијата. Нејзиното професионално и лично наследство ќе продолжи да ја обликува израелската телевизија уште многу години.“
Грчката полиција наведува дека телото на 52-годишната жена е пронајдено откако нејзиниот брат не успеал неколкупати да ја исконтактира. Властите наредија обдукција за да се утврди причината за смртта. Се проверуваат и снимки од безбедносните камери и сведочења од вработени во хотелот.

