Коачела се соочува со казнa од 44.000 долари откако настапите на Џастин Бибер и Анјма биле одржани надвор од предвиденото време

22.04.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Коачела се соочува со казнa од 44.000 долари откако настапите на Џастин Бибер и Анјма  биле одржани надвор од предвиденото време

Според информациите објавени од американскиот онлајн медиум Билборд, санкцијата е изречена поради пречекорување на полицискиот час кој важи во Индио, Калифорнија, каде што фестивалот традиционално се одржува од 1999 година.

Додека првиот викенд од годинашното издание на фестивалот поминал без прекршувања на правилата, во текот на вториот викенд дошло до отстапувања од предвидениот распоред. Вечерта на 17 април, меѓу петокот и саботата, настапот на Анјма траел до 1 часот и 9 минути по полноќ, што довело до казна од 24.000 долари. Следната вечер, главната ѕвезда Џастин Бибер го продолжил својот настап за дополнителни две минути над дозволеното време, поради што била изречена уште една казна во износ од 20.000 долари.

Организаторите на Коачела имаат долгогодишен договор со локалните власти, според кој концертите мора да завршат најдоцна до 1 часот по полноќ во петок и сабота, односно до полноќ во недела. Правилникот предвидува парична казна од 20.000 долари за првите пет минути по истекот на дозволениот рок, со дополнителни финансиски санкции за секое понатамошно пречекорување.

Ова не е прв случај фестивалот да се соочи со вакви казни. Во 2009 година, организаторите биле задолжени да платат 54.000 долари поради настапот на Пол Макартни, кој траел речиси еден час подолго од предвиденото. Дополнително, во 2023 година биле изречени казни во вкупен износ од 168.000 долари, откако шест изведувачи, меѓу кои Бад Бани, Френк Оушн, Викенд, Скрилекс, Фред Аген и  Фор Тет го надминале дозволеното време за настап. Минатата година, пак, организаторите биле казнети со 20.000 долари поради настапот на Тревис Скот, кој траел три минути подолго од пропишаното. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата