Најмалку четири загинати, меѓу кои и 12-годишно девојче, и 37 повредени во најновиот масовен руски напад над Киев кој траеше повеќе од 12 часа, a при истиот беа оштетени повеќе станбени и други објекти.
Според украинските надлежни органи, делумно е уништена петкатна станбена зграда во главниот украински град, а оштетени се повеќе станбени комплекси, автомобили и објекти.
Паралелно со ударите врз Киев, нападната била и енергетската инфраструктура во Запорожје. Пет лица биле повредени, а руските ракети исто така оштетиле девет куќи, 14 станбени згради, училиште и производствен објект, потврди регионалниот гувернер Иван Федоров.
„Слушнав експлозија и видов што се случи и веднаш заминав кон модуларното засолниште.“
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски предупреди дека рускиот претседател Путин ќе ја прошири војната надвор од Украина со напад на друга европска земја.
„Путин нема да го чека крајот на војната во Украина. Тој ќе отвори друга „врата“. Никој не знае која е таа „врата“ и никој не знае каде е таа „врата“. Но, едно е сигурно: тој сака да го направи тоа. Тој ја тестира Европа. Ја проверил Европа дека нема капацитет.“
Овој инцидент доаѓа во период кога руските дронови и авиони сè почесто го нарушуваат воздушниот простор на НАТО, што предизвика засилена тревога во Алијансата.
Украинските власти предупредуваат дека со доаѓањето на постудените месеци, Русија најверојатно ќе ги засили нападите врз енергетската инфраструктура.