Трамп прогласи крај на примирјето со Иран

8.07.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Трамп прогласи крај на примирјето со Иран

Последната жестока размена на оган меѓу САД и Иран ги затекна светските лидери на половина од глобалниот собир. САД синоќа нападнаа над 80 цели во Иран како одговор на иранските напади врз комерцијални бродови во Ормутскиот теснец. Техеран возврати со слична мера, истрелувајќи проектили врз 80-ина американски воени цели во Бахреин и Кувајт. Мировните преговори со Иран се губење време, рече Трамп.

-За мене, мислам дека (прекинот на огнот) е завршен. Не сакам повеќе да се занимавам со нив, со тоа ѓубре. Знаете што е ѓубре? Тие се ѓубриња и болни луѓе.Нешто не е во ред со нив. Тие се кукавици. Што се однесува до мене, сѐ е завршено. , изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

На средбата со првиот човек на НАТО, Руте, Трамп не ги поштеди ниту НАТО сојузниците. Повтори дека останал осамен во однос на конфликтот во Иран, кога клучните земји членки останале неми на неговите повици за поддршка. Обвини дека Вашингтон со години ги плаќал обврските на другите, а иронично ги проследи фалбите на Руте дека сојузниците успешно се доближиле до обврската за одвојување на 5 проценти од БДП за одбраната.  

-Разговарав со В. Британија и премиерот рече: не сакаме да ви помогнеме сега, ќе ви помогнеме кога војната ќе заврши. Реков дека тоа не е добро. Разговарав со Германија, не сакаа да помогнат. Разговарав со Франција, не сакаа да помогнат.Не сме третирани праведно. Имаше периоди кога плаќавме 100 % во НАТО, а многу земји не плаќаа ништо. , изјави Трамп.

-Она што вие го постигнавте е огромна победа и би сакал да повторам дека само во последните две години, Канада и европските НАТО членки потрошија 215 милијарди долари повеќе во 2024, 2025 и 2026 година во споредба со 2024 година. , изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.

Трамп во Анкара не го заборави ниту Гренланд, реафирмирајќи ја амбицијата да го преземе арктичкиот остров, кој е автономен дел од Данска.

-Нашата позиција е јасна, како и досега. Гренланд не е на продажба, изјави Мете Фредериксен, премиерка на Данска.

На самитот на НАТО во Анкара е планирано да се ветат 140 милијарди евра воена помош за Украина во следните две години, со главен фокус на вооружување и обука на украинските војници. Последните случувања на Блискиот Исток денеска ја качија цената на нафтата за речиси шест проценти.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата