Трамп го враќа ударот: Шпанија беше ужасна, не сакаме да имаме никаква врска со нив (ВИДЕО)

3.03.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Трамп го враќа ударот: Шпанија беше ужасна, не сакаме да имаме никаква врска со нив (ВИДЕО)

„Шпанија беше ужасна. Му реков на (американскиот секретар за финансии) Скот Бесант да ги прекине сите деловни односи со Шпанија. Не сакаме ништо да имаме со Шпанија“, рече Трамп за време на заедничката прес-конференција со германскиот претседател Фридрих Мерц, објави Скај њуз.

„Ел Паис“ претходно објави дека шпанскиот премиер Педро Санчез одлучил да не им дозволи на САД да ги користат американските воени бази во Шпанија за операции против Иран, и покрај можните политички последици од таквата одлука.

Шпанската влада изјави дека нема да придонесе на никаков начин за војната што ја водат американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, велејќи дека тоа е конфликт без меѓународна правна основа и без мандат од Обединетите нации.

Шпанската влада претходно изјави дека се спротивставува на иранскиот режим, но отфрла воена интервенција без јасна цел и меѓународен мандат.

Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, изјави дека Европа мора да дејствува како глас на рамнотежа и деескалација, а не да поддржува еднострани воени дејствија надвор од Повелбата на ОН, додека министерката за одбрана на земјата, Маргарита Роблес, потврди дека, по шпанската одлука, Пентагон повлече околу 10 авиони-танкери KC-135 од базите Морон и Рота, каде што беа распоредени за поддршка на американските операции.

Шпанија е меѓу ретките европски земји кои отворено ја осудија акцијата на САД и Израел, додека некои членки на ЕУ изразија резерви, но нагласија дека ги разбираат целите на нападот.

Мадрид вели дека ќе продолжи да инсистира на деескалација и враќање на преговорите, предупредувајќи дека продолжениот конфликт би можел да има сериозни последици за Европа.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата