Техеран: САД користат нацистичка реторика за да ја оправдаат агресијата врз Иран

1.04.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Техеран: САД користат нацистичка реторика за да ја оправдаат агресијата врз Иран

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Есмаил Багеи денеска изјави дека обидите на одредени американски функционери да ја оправдаат војната против Иран потсетуваат на идеологијата на нацизмот и фашизмот од периодот пред и за време на Втората светска војна.

Багеи реагираше на социјалната мрежа „Икс“ по изјавата на американскиот сенатор Линдзи Греам, кој оцени дека воените активности на САД против Иран во 2026 година би можеле да стават крај на „конфликт долг две илјади години“. Иранскиот портпарол ги критикуваше и ставовите на американскиот политички стратег Стив Бенон, кој ја повика Белата куќа да примени стратегија слична на онаа на Александар Македонски против Персија.

- Таквите искривени историски референци силно потсетуваат на нацистичкото и фашистичкото размислување. Адолф Хитлер ги оправдуваше инвазиите повикувајќи се на ’животниот простор‘, додека Бенито Мусолини ја користеше славата на Римската Империја за да ја оправда агресијата во Северна Африка - истакна Багеи. Тој додаде дека користењето на историјата за оправдување на современи воени интервенции претставува опасен преседан кој ги поткопува меѓународното право и човековите права.

Според Багеи, доколку САД сега тврдат дека го претставуваат „Западот“ и ја користат европската историја за да ја оправдаат „бруталната воена агресија врз иранската нација“, тие всушност го оживуваат фашистичкиот начин на размислување и ги уриваат модерните вредности за кои декларативно се залагаат.

Во посебна објава, Багеи ги осуди нападите врз фармацевтските фабрики во Иран, карактеризирајќи ги како воено злосторство и злосторство против човештвото.

Тензиите во регионот ескалираа откако САД и Израел на 28 февруари извршија „превентивни напади“ врз Иран по неуспехот на преговорите за нуклеарната програма, на што Техеран одговори со масовни удари врз израелски и американски цели низ Блискиот Исток.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата