Нетанјаху тужи новинари и медиуми

30.09.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Нетанјаху тужи новинари и медиуми

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поднесе тужба за клевета против три медиумски куќи и шестмина новинари во Израел поради извештаи во кои се тврди дека тој лично бил предупреден за нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, но не презел никакви мерки како одговор на тоа.

Според весникот „The Jerusalem Post“, наводите првпат биле објавени во книга од двајца новинари на израелскиот весник „Haaretz“, по што и други медиуми известувале за нив.

Тужбата на Нетанјаху е насочена против весниците „Haaretz“ и „Yedioth Ahronoth“, информативниот портал „Ynet“ и телевизискиот канал „Канал 12“, меѓу тужените се и двајца новинари на „Haaretz“.

Тужбата се однесува на две наводни предупредувања.

Според првото, претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед, кон крајот на септември 2023 година го предупредил Нетанјаху дека лидерот на Хамас, Јахја Синвар, подготвува голема операција.

Второто се однесува на тогашниот шеф на египетското разузнавање, Абас Камел, кој наводно лично го предупредил израелскиот премиер непосредно пред нападот.

Во своите извештаи за овие предупредувања, медиумите се повикувале на анонимни извори.

Нетанјаху постојано негираше дека добил какви било такви предупредувања.

Во тужбата, тој наведува дека „Haaretz“ ја објавил приказната и покрај неговото негирање, а истовремено ги обвинува другите медиуми дека известувале за наводите или дополнително ги истакнувале.

Тој, исто така, реагира на тврдењето на еден коментатор од „Haaretz“ во врска со „предавство одвнатре“. Нетанјаху претходно побара од „Haaretz“ да ја повлече спорната статија, да објави извинување и да му исплати отштета од еден милион шекели – или повеќе од 287.000 евра.

Весникот одби, наведувајќи дека статијата е резултат на опсежно истражување засновано на извори и дека е подготвен да го брани своето известување на суд.

Израелскиот премиер сега бара отштета од најмалку 2,6 милиони шекели – или повеќе од 747.000 евра – од тужените медиуми и новинари. Според израелскиот закон за клевета, обвинетите можат да се бранат тврдејќи дека објавената информација била точна и се однесувала на прашање од јавен интерес, или пак дека била објавена во добра волја, по спроведено одговорно новинарско истражување.

Медиумите и новинарите опфатени со тужбата имаат рок од 60 дена да поднесат одговор.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата