- Ги повикуваме сите пријателски земји на Либан да притекнат на помош и со сите расположливи средства да стават крај на овие напади - изјави премиерот Салам, обвинувајќи го Израел дека ги игнорира принципите на меѓународното право.
Тој посочи дека израелските удари погодиле густо населени станбени квартови во главниот град Бејрут, предизвикувајќи цивилни жртви и покрај меѓународните напори за запирање на војната.
Израелската армија потврди дека ја извела „најголемата координирана операција“ врз цели на Хезболах од обновувањето на борбите на почетокот на март, при што за помалку од 10 минути биле погодени повеќе од 100 цели.
Израелската војска издаде предупредувања за евакуација во градот Тир и јужните предградија на Бејрут, додека либанската армија ги повика граѓаните да не се враќаат во јужниот дел на земјата.
Хезболах, исто така, ги повика жителите да не се враќаат во погодените подрачја пред официјална потврда за прекин на огнот.
Претходно, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Либан не е опфатен со договорот за прекин на огнот со Иран.
Либанските власти соопштија дека не добиле официјално известување за прекин на огнот што ја вклучува земјата.

