Калас: Путин не сака мир, ЕУ ќе ја поддржува Украина

16.08.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Калас: Путин не сака мир, ЕУ ќе ја поддржува Украина

Високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас, денеска предупреди дека Русија нема намера да ја прекине војната во Украина, и покрај синоќешните разговори меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин во Анкориџ, Алјаска.

Калас, во изјава за Политико, го поздрави обидот на Трамп за постигнување мировен договор, но истакна дека „суровата реалност е дека Русија нема намера наскоро да ја заврши оваа војна“.

Таа го критикуваше Путин, велејќи дека тој „продолжува да ги одолговлекува преговорите, надевајќи се дека ќе избегне одговорност“. Калас потенцира дека Русија извршила нови напади врз Украина дури и за време на средбите во Анкориџ, а Путин не дал никакви ветувања за прекин на насилството.

„Москва нема да ја заврши војната додека не сфати дека не може да продолжи. Затоа, Европа ќе продолжи да ја поддржува Украина, вклучително и со работа на 19-тиот пакет санкции против Русија“, додаде Калас.

Таа ја отфрли тезата на Путин дека Киев е одговорен за „основните причини“ на војната, истакнувајќи дека вистинската причина е „империјалистичката надворешна политика на Русија“.

По разговорите, лидерите на НАТО беа поканети на брифинг со американската администрација, при што Трамп изјави дека дискусиите биле „исклучително продуктивни“. Европските лидери издадоа заедничка изјава во поддршка на напорите на Белата куќа за организирање трилатерални преговори меѓу Путин, Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој в понеделник ќе го посети Вашингтон во рамки на мировниот процес. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата