Двајца членови на екипажот на товарниот брод „Етернити Ц“ со либериско знаме, управуван од грчка компанија, синоќа се убиени во напад со дрон и глисер во близина на Јемен, соопшти денеска либериската бродска делегација на состанокот на агенцијата на ОН за бродски превоз IMO.
Со овие нови смртни случаи, први од јуни 2024 година, на шест се зголеми вкупниот број на морнари убиени во нападите врз бродови во Црвеното Море.
Најмалку двајца членови на екипажот се повредени, а двајца се водат за исчезнати во синоќешниот напад на Хутите врз грчкиот товарен брод во близина на Јемен, само неколку часа откако оваа проиранска милитантна група соопшти дека во претходниот напад потопила товарен брод во Црвеното Море.
Синоќешниот напад, што се случи 50 наутички милји југозападно од пристаништето Ал-Худаида, е втор напад врз трговски брод во важниот поморски коридор од ноември 2024 година, изјави официјален претставник на европската мисија „Аспидес“, која ги штити бродовите во Црвеното Море.
Товарниот брод „Етернити Ц“, со 22 члена на екипажот - 21 Филипинец и еден Русин - и вооружени чувари, бил нападнат од поморски беспилотни летала и рачни фрлачи на гранати испукани од глисери, наведуваат изворите.
Мостот на бродот бил погоден, а телекомуникациите на бродот оштетени, изјавил функционер на компанијата.
Безбедносни извори изјавиле дека бродот, што не превезувал товар, претрпел голема штета.
На екипажот му било наредено да го напушти бродот, но чамците за спасување биле уништени, изјавиле два извори.
Бродот пловел по морето без контрола, изјави функционерот на мисијата „Аспидес“. Во време на инцидентот во близина немало бродови од оваа мисија.
Никој сè уште не ја презел одговорноста за нападот.
Ден оретходно Хутите ја презедоа одговорноста за нападот врз товарниот брод „Меџик Сис“, управуван од грчка компанија, југозападно од Јемен.
Милитантите со осум чамци го нападнале бродот со огнено оружје, рачни фрлачи на гранати, ракети и поморски беспилотни летала.
Екипажот од 19 морнари морал да го напушти бродот што пловел под либериско знаме бидејќи протекувало вода. Тие биле спасени од брод што минувал низ областа и безбедно пристигнале во Џибути, велат изворите.
Хутите објавија дека го потопиле бродот. Но, претставник на „Стем Шипинг“ рекол дека ова не е потврдено од независни извори.