Планот за спасување на заглавениот кит кај брегот на Германија ќе биде ревидиран

23.04.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Планот за спасување на заглавениот кит кај брегот на Германија ќе биде ревидиран

Машкиот кит долг 12 метри, на кој германските медиуми му го дадоа прекарот Тими, останува заглавен во близина на малиот остров Поел кај градот Визмар.

Министерот Бакхаус доцна синоќа изјави дека подигнувањето на животното со воздушни перници и неговиот транспорт со помош на понтони и церади повеќе не е опција. Приватната иницијатива, која доби поддршка за овој план пред околу една недела, сега работи на ревидиран пристап. Сите понатамошни мерки мора да бидат научно засновани, да ја земат предвид состојбата на животното и да бидат координирани со властите.

Експертите од Меѓународната комисија за лов на китови препорачуваат смирен, палијативен пристап. Бакхаус истакна дека оваа оцена е во согласност со претходните научни совети дека активните обиди за спасување најверојатно нема да успеат и би можеле да претставуваат значителни ризици.

Китот накратко отплива во понеделникот по три недели поминати на истото место, но запре по околу два часа во близина на влезот во Визмарскиот Залив, кој води кон Балтичкото Море.

Поставен му е уред за следење во случај повторно да се придвижи, пренесе ДПА.

Неодамнешните напори се фокусирани на ублажување на притисокот врз телото на китот преку преобликување на морското дно за тој да има подобра потпора во водата. Неговиот грб е покриен со влажни крпи за да се заштити од сонцето.

Случајот предизвика бројни критики во јавноста. Бакхаус појасни дека приватната иницијатива нема добиено формално одобрение, но е толерирана според германскиот закон кој дозволува помош на животни во неволја. Тој нагласи дека благосостојбата на животното останува единствениот водечки принцип, а на самото место деноноќно се присутни ветеринари.

Тими е заглавен во Визмарскиот Залив од 31 март, откако претходните недели неколку пати се насукуваше на различни точки долж балтичкиот брег.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата