Војводата и војвотката од Сасекс го посетија хуманитарното студио во Нотингем, а планираат да посетат и други локации.

Принцот Хари и неговата сопруга Меган вчера пристигнаа во Нотингем, во регионот Источен Мидлендс.
Ова е нивниот прв заеднички јавен ангажман откако се вратија во Велика Британија, по шест години живот во Калифорнија.

Според Би-Би-Си, војводата и војвотката од Сасекс го посетија студиото за снимање „Community Recording Studio“, а нивната агенда во градот вклучува посети и на две други локации. За време на средбите со присутните, Хари и Меган се прегрнуваа и позираа за „селфи“ фотографии.

Предвидено е двојката да посети и банка за храна. Тие се вратија во Велика Британија во август, придружувани од своите деца – седумгодишниот принц Арчи и петгодишната принцеза Лилибет.
Ова враќање доаѓа шест години откако се повлекоа од своите улоги како активни членови на британското кралско семејство и започнаа нов живот во Калифорнија.
Во писмо од септември, испратено во име на кралот Чарлс III од страна на Лорд Чемберлејн – висок функционер во британскиот кралски двор – се наведува дека Хари и Меган, како приватни лица, немаат право да ги користат титулите „Негово Кралско Височество“ и „Нејзино Кралско Височество“.

Во писмото се потврдува дека договорот постигнат во 2020 година, познат како „Договорот од Сандрингем“ – со кој беа утврдени условите за нивното повлекување од кралските должности – останува во сила.
Ова практично ја исклучува можноста за таканаречено делумно членство, односно статус „наполовина внатре, наполовина надвор“. Со други зборови, Хари и Меган не можат истовремено да се занимаваат со сопствени комерцијални потфати и да ги извршуваат должностите како активни членови на британското кралско семејство.

