Шеесет и тригодишен маж, чиј идентитет не е откриен, со автомобил удрил во влезната врата на имот во сопственост на Бијонсе и Џеј-Зи во Ист Хемптон.
Според информациите од полицијата, возачот изгледал дезориентирано и не застанал пред затворената капија, туку продолжил да вози со голема брзина по пристапниот пат. Тој бил уапсен и пренесен во болница, а полицијата поднела пријава против него за неовластен упад на имот и предизвикување штета.

Детективот Џенифер Дан за „Page Six“ потврди дека 63-годишникот од Бронкс нема криминално досие. Таа објасни дека тој изгледал збунето на самото место, како и по неговото апсење.
„Тој не упати никакви закани ниту ги спомна имињата на станарите. Можно е случајно да ја избрал таа куќа, доколку во тој момент имал здравствени проблеми“, рече Дан.
Истрагата откри дека пред инцидентот мажот застанал пред друга куќа на истата улица.
Таму разговарал со сопственикот и се распрашувал за жена со одредено име. Откако му кажале дека таа не живее таму, тој продолжил понатаму. Сопственикот на таа куќа исто така ѝ потврдил на полицијата дека мажот изгледал збунето.

