Повеќе од илјада музичари и групи низ светот, меѓу кои и светски познати имиња како „Масив Атак“ (Massive Attack), „Кникеп“ (Kneecap) и Маклемор (Macklemore), повикуваат на бојкот на Избор за песна на Евровизија, што треба да се одржи во Виена во мај, поради учеството на Израел на натпреварот.
Писмото, објавено на веб-страницата на движењето „Нема музика додека трае геноцид“, до вторникот собра над 1.100 потписи, пред сè од уметници од мали и средни издавачки куќи. Според организаторите, апелот го потпишале и неколку етаблирани групи и музичари кои со години се вклучени во културниот бојкот на Израел, меѓу кои се Питер Габриел, Роџер Вотерс од „Пинк Флојд“, Брајан Ено и северноирското трио „Кникеп“.
Потписниците бараат исклучување на израелскиот јавен сервис КАН, за кој тврдат дека станал „соучесник во злосторствата против човештвото“. Во прогласот се наведува дека како културни работници од земјите членки на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), тие одбиваат да дозволат Евросонг да се користи за „разубавување и нормализација на геноцидот, опсадата и бруталната израелска воена окупација врз Палестинците“.
Овогодишното 70-то издание на Евровизија се соочува со најголемиот бојкот во својата историја. Телевизиите од Шпанија, Ирска, Исланд, Холандија и Словенија веќе го најавија своето повлекување, критикувајќи го Израел за војната во Газа.
Израел досега четири пати победил на ова натпреварување, а годинава земјата ќе ја претставува 27-годишниот француско-израелски пејач Ноам Бетан.

