Исто така, изложен е и костумот во крем боја што Џексон го носеше во спотот за „Smooth Criminal“ од 1988 година.
Црвената кожна јакна од музичкиот спот за „Thriller“, костимот од „Smooth Criminal“ и други предмети што му припаѓале на Мајкл Џексон се изложени во Њујорк, во пресрет на аукцијата што ќе се одржи во Абу Даби на 7 декември. Предметите беа претставени во вторникот во Њујорк.
Меѓу нив е изложен и костимот во боја на крем, кој Џексон го носел во музичкиот спот за „Smooth Criminal“ од 1988 година. Исто така, изложени се потпишана црвено-црна кожна јакна од спотот за „Thriller“, како и две јакни од турнејата „Bad“ (1987–1989): една потпишана јакна со токи и јакна со натпис „Special Officer“ (Специјален службеник) со кожни ремени.
Колекцијата вклучува и две бели ракавици со светкави детали – едната од настапот на „Motown 25“ во 1983 година, а другата од турнејата „Victory“ во 1984 година.
Изложени се и чевли носени за време на сценски настапи во 1990-тите години, како и ремен од периодот на „Bad“, изработен од сребро и 18-каратно бело злато, кој Џексон го носел на доделувањето на наградите „American Music Awards“ во 1989 година.
Предметите се дел од аукцијата „Мајкл Џексон: Модното наследство“ („Michael Jackson: The Fashion Legacy“), организирана од аукциската куќа „Џулиенс“ (Julien's Auctions).
Од аукциската куќа соопштија дека ова е најголемата колекција на сценски костими, модни додатоци и облека од музичките спотови на Џексон, која некогаш била понудена на продажба. Аукцијата се одржува во хотелот „Роузвуд“ (Rosewood Hotel) во Абу Даби и опфаќа повеќе од 100 предмети.
Се очекува најголемо внимание да привлече јакната од спотот за песната „Thriller“, чиј дизајн е дело на костимографката Дебора Надулман Лендис. Од „Џулиенс“ не наведоа проценка за нејзината цена.
Во 2011 година, истата аукциска куќа продаде јакна од истиот музички спот за 1,8 милиони долари. Ракавица од настапот на „Motown 25“ – за време на кој Џексон пред телевизиската публика за првпат го изведе „одењето на месечината“ (moonwalk) – е проценета на вредност меѓу 600.000 и 800.000 долари.
„Џулиенс“ (Julien's) ја продаде истата ракавица во 2009 година за 430.000 долари. Јакна од турнејата „Bad“, потпишана од Џексон и подарена на фондацијата „Т. Џ. Мартел“ (T.J. Martell Foundation), се проценува на вредност меѓу 60.000 и 80.000 долари.
„Јакната од ’Thriller‘ е онаа за која светот никогаш не престана да зборува“, изјави Мартин Нолан, коосновач на аукциската куќа „Џулиенс“, кога во октомври беше најавена продажбата.
Покрај колекцијата на Џексон, во Абу Даби ќе се продаваат и предмети што ѝ припаѓале на принцезата Дијана – вклучувајќи фустани и лични предмети, како што е кошулата од „Ралф Лорен“ што таа ја носела за време на посетата на Босна и Херцеговина во 1997 година. На аукцијата ќе се најдат и предмети поврзани со Курт Кобејн, Брус Ли, Мадона и Ејми Вајнхаус.

