Владата на Бенјамин Нетанјаху одлучи да ја разреши државната обвинителка

4.08.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Владата на Бенјамин Нетанјаху одлучи да ја разреши државната обвинителка

 Како причина за нејзиното разрешување беше наведена недоверба во нејзината способност да ги извршува своите должности, јави ДПА.

Одлуката беше донесена едногласно, иако самиот премиер Бенјамин Нетанјаху не учествуваше во гласањето. Се очекува разрешувањето на Бахарав-Миара да биде разгледано од Врховниот суд. Според многу набљудувачи, најверојатно ќе биде поништено.

Главната обвинителка игра клучна улога во надгледувањето на законитоста на владините активности. Бахарав-Миара честопати се судираше со Нетанјаху околу мерките што ги смета за нелегални.

Тензиите меѓу нив се зголемија оваа година откако главната обвинителка ја оспори законитоста на назначувањето на Давид Зини од страна на премиерот, за шеф на Шин Бет, израелската контраразузнавачка агенција.

Според неа, оваа одлука го стави Нетанјаху во судир на интереси, бидејќи Шин Бет ги истражува советниците на премиерот како дел од истрагата за корупција против него. Истрагата се базира на тврдења дека овие негови соработници добиле пари од Катар за да лобираат.

Нетанјаху негира какво било кривично дело и ги опишува тужбите против него како „лов на вештерки од страна на правосудниот систем“.

Нетанјаху и неговата придружба долго време го обвинуваат израелското судство за пречекорување на своите овластувања и мешање во работите на извршната власт.

Во 2023 година, контроверзните планови на неговата влада за судска реформа предизвикаа масовни протести што траеја со месеци. Критичарите во тоа време предупредија дека ако се усвои во сегашната форма, тоа ќе ги загрози демократските механизми за надзор на институциите. По избувнувањето на војната во Газа, плановите за спроведување на реформата беа замрзнати.

Бахарав-Миара, назначена од претходната влада, стана централна фигура во одбраната на независноста на судскиот систем, среде напорите на сегашната администрација да ја ограничи, наведува ДПА. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата