Судијка ја стопираше изградбата на триумфалната капија на Трамп во Вашингтон

6.11.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Судијка ја стопираше изградбата на триумфалната капија на Трамп во Вашингтон

Одлуката, донесена доцна во четвртокот, претставува значителен удар за еден од клучните проекти на претседателот Трамп, преку кој тој има за цел да го преобликува изгледот на главниот град на нацијата, пренесува „АП Њуз“ (AP News).

Судијката Тања Чуткан издаде привремена судска забрана за изведување на работите, откако претходно во текот на четвртокот администрацијата доби клучна согласност и најави дека изградбата може веднаш да започне. Комисијата за планирање на главниот град (NCPC) претходно го поддржа проектот со осум гласа „за“ и четири „против“, а Министерството за внатрешни работи ја издаде конечната дозвола.

Во својата одлука, судијката Чуткан наведе дека Комонвелтот Вирџинија и Дистриктот Колумбија – кои ја тужеа администрацијата – докажале оти итното започнување на изградбата би им нанело реална штета. Во тужбата, тие укажаа на очекуваните нарушувања во сообраќајот и компликациите за службите за итни интервенции. „Штетата е неизбежна“, напиша судијката.

„Тужените првично го известија судот дека работите би можеле да започнат уште на 5 ноември 2026 година, под услов NCPC да го одобри проектот.“

Чуткан додаде дека тужителите исто така ќе претрпат значителни финансиски трошоци што не би можеле да се надоместат.

„Штом ќе започне изградбата, градскиот оддел за транспорт ќе мора да ангажира персонал и ресурси за управување со пренасочувањата на сообраќајот, како и за справување со сообраќајни несреќи или дефекти на возилата“, се вели во одлуката.

Одлуката на судот пристигна само еден час по завршувањето на состанокот на NCPC, кој траеше девет и пол часа. Сесијата, што се одржа преку телеконференција, беше проследена со технички проблеми и вклучуваше речиси исклучиво негативни коментари од јавноста, при што десетици сведоци се изјаснија против изградбата.

Гласањето во комисијата откри поделба помеѓу членовите поврзани со федералната администрација и претставниците на локалната власт. Членовите кои работат за администрацијата или се блиски до претседателот Трамп гласаа „за“ проектот, додека претставниците на градот Вашингтон гласаа „против“. Многумина, во своите емотивни сведоштва, изнесоа аргументи дека лакот би го осквернавил блиското Национално гробиште „Арлингтон“, каде што се погребани стотици илјади американски војници и ветерани.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата