Глобалниот тренд на намалување на нуклеарното вооружување се менува, и светот се движи кон нова ера на проширување на јадрените арсенали, предупреди денеска Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ), пренесе ДПА.
Според годишниот извештај на СИПРИ, речиси сите девет земји кои располагаат со нуклеарно оружје – САД, Русија, Кина, Франција, Обединетото Кралство, Индија, Пакистан, Северна Кореја и Израел – ги модернизираат постојните арсенали и развиваат нови.
„Ерата на постојано намалување на нуклеарното оружје, која започна по крајот на Студената војна, е на својот крај. Наместо тоа, гледаме јасна тенденција на зголемување, заострување на нуклеарната реторика и напуштање на договорите за контрола на вооружувањето“, изјави аналитичарот на СИПРИ Ханс М. Кристенсен.
СИПРИ наведува дека иако по Студената војна САД и Русија демонтираа голем број стари боеви глави, денес тој тренд се забавува, додека се зголемува разгорувањето на нови нуклеарни капацитети.
САД и Русија сè уште поседуваат околу 90 отсто од сите нуклеарни боеви глави во светот, и обете земји имаат активни програми за модернизација, што може да доведе до раст и на бројот и на видот на вооружувањето.
Според проценките на СИПРИ, вкупниот број на боеви глави во светот е 12.241, што е благо намалување од ланските 12.405. Но, бројот на реално распоредени боеви глави е 3.912 - при што 1.770 од нив се наоѓаат во САД, 1.718 во Русија, 280 во Франција, 120 во Обединетото Кралство и 24 во Кина.