Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека е „незамисливо“ Русија да го надмине западниот воен сојуз во однос на военото производство, објави агенцијата ДПА, потсетувајќи дека НАТО се подготвува официјално да објави голем скок на трошоците за одбрана.
„Мораме да направиме повеќе. Едноставно е незамисливо Русија, чија економија е 25 пати помала од НАТО, да нè престигне во производството и вооружувањето“, рече шефот на НАТО пред клучниот самит во Хаг.
„Мораме да трошиме повеќе за да спречиме војна. Мора да ја добиеме оваа нова војна во производството“, нагласи Руте, пренесе Гардијан.
Според него, постои целосна посветеност од американскиот претседател Доналд Трамп и од високото американско раководство во НАТО, рече Руте на јавен форум пред формалното отворање на самитот, додавајќи, сепак, дека таквата поддршка доаѓа со очекување европските земји и Канада да трошат повеќе за одбрана, пренесе Гардијан.
Лидерите на 32-те членки на НАТО се собираат денес и утре на историски самит во Хаг, каде што се очекува да потврдат посветеност за зголемување на трошоците за одбрана на пет проценти од БДП до 2035 година. Членките на алијансата неодамна се согласија за нови цели за зајакнување на одбранбените капацитети, најголемото зголемување на вооружувањето од Студената војна, за да се издржи потенцијален напад од Русија. Русија, која е во војна со Украина повеќе од три години, значително го зголеми своето воено производство, што ги зголемува стравувањата дека би можела да нападне територија на НАТО во рок од неколку години.