Руте ги повика земјите на НАТО да купат повеќе американско оружје за Украина

22.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Руте ги повика земјите на НАТО да купат повеќе американско оружје за Украина

На состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина, Руте го сврте вниманието на иницијативата која минатата недела ја најави заедно со претседателот на САД, Доналд Трамп. Оваа иницијатива подразбира зајакнување на поддршката за Украина преку обезбедување нови американски воени капацитети, финансирани со инвестиции од сојузниците во Канада и Европа, соопшти прес-службата на НАТО.

- Со купувањето на повеќе американско оружје за Украина, земјите на НАТО ќе можат истовремено да спроведат три клучни задачи идентификувани на самитот на Алијансата во Хаг на 24-25 јуни: зголемување на воените трошоци, проширување на военото производство и поддршка на Украина“, истакна Руте.

Според него, целта на безбедносната помош од сојузниците за Украина е конфликтот што поскоро да се доведе до праведен и траен крај.

Трамп за време на состанокот со Руте во Вашингтон минатата недела изјави дека САД повеќе нема да испорачуваат оружје на Украина бесплатно и дека оружјето отсега ќе го финансираат европските земји и Канада. Состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина, 29-ти по ред, се одржа вчера со учество на министри за одбрана и претставници од над 50 земји.

Домаќини на состанокот беа германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, и министерот за одбрана на Велика Британија, Џон Хили. На состанокот учествуваше и новоименуваниот министер за одбрана на Украина, Денис Шмихал. Претходниот состанок во форматот „Рамштајн“ се одржа на почетокот на јуни. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата