Пентагон: Расчистувањето на Ормуската Теснина од мини би можело да трае до шест месеци

23.04.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Пентагон: Расчистувањето на Ормуската Теснина од мини би можело да трае до шест месеци

Расчистувањето на Ормуската Теснина од мини кои, според американските проценки, ги поставила иранската војска, би можело да трае и до шест месеци, а таквата операција веројатно нема да биде спроведена додека не заврши војната меѓу САД и Иран, беше соопштено во извештај на Пентагон упатен до Конгресот.

Проценката за време на затвореното излагање пред членовите на Комитетот за вооружени сили на Претставничкиот дом ја изнел висок функционер на Министерството за одбрана, а ја пренесоа три извори запознаени со содржината на разговорот, пренесува „Вашингтон пост“.

Американските официјални лица наведуваат дека оваа проценка укажува на тоа дека економските последици од конфликтот би можеле да траат до крајот на годината или подолго, пред сè преку високите цени на нафтата и горивото.

Конгресот е известен дека Иран можеби поставил 20 или повеќе мини во и околу стратешки важната Ормуската Теснина, низ која поминува околу 20 отсто од светската трговија со нафта. Некои мини биле поставени далечински со помош на Џи-Пи-еС технологија, додека други наводно биле распоредувани од помали бродови.

Пентагон и американската Централна команда не сакаа да ја коментираат проценката. Иран претходно најавуваше блокада на овој пловен пат како одговор на американските и израелските операции.

САД бараат Иран да ја прекине нуклеарната програма, да го предаде високо збогатениот ураниум и повторно целосно да го отвори теснецот. Од друга страна, Техеран одбива продолжување на преговорите додека не се укине американската поморска блокада.

Поранешни американски функционери и аналитичари предупредуваат дека долготрајното присуство на мини дополнително би ги дестабилизирало енергетските пазари. Пентагон разгледува различни опции за евентуално отстранување на мините, вклучувајќи употреба на хеликоптери, дронови и специјални нуркачки единици.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата