Кралот Чарлс го прими Макрон во прва посета на европски лидер на Велика Британија по Брегзит

8.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Кралот Чарлс го прими Макрон во прва посета на европски лидер на Велика Британија по Брегзит

Нивното срдечно поздравување симболизира враќање на поблиски односи меѓу двете земји, коментираат светските медиуми.

Се очекува кралот Чарлс во подоцнежното обраќање да ги нагласи „мноштвото сложени закани“ со кои се соочуваат двете земји.

- Толку многу можеме заедно да создадеме, објави Макрон на Х по пристигнувањето.

Во придружба на престолонаследникот принцот Вилијам и неговата сопруга принцезата Кејт, кралот и кралицата Камила, како и Макрон и неговата сопруга Брижит, се возеа во кочии за процесија во Виндзор, која заврши во дворот на средновековниот замок, западно од Лондон.

Од изборот на Кир Стармер за премиер минатата година, Британија се обидува да ги обнови врските со европските сојузници, а британскиот крал ќе настојува да одигра своја улога во одредувањето на тонот на посетата пред да почнат политичките разговори.

- Нашите две нации не делат само вредности, туку и неуморна решителност да дејствуваат врз основа на нив во светот, се очекува подоцна да изјави 76-годишниот монарх, кој сè уште се лекува од рак.

Тридневната посета на Макрон е исполнета со состаноци за економски прашања и надворешни работи. Но, првиот ден од државната посета, која се одвива 16 години откако покојната кралица Елизабета Втора го прими тогашниот француски претседател Никола Саркози, е главно фокусиран на церемонии и е преполн со симболика.

Пред да се упати кон Лондон денеска попладне каде ќе се обрати во парламентот, Макрон му се придружи на Чарлс Трети за да изврши смотра на Почесната гарда. Тој треба да руча со семејството и да ја разгледа Кралската колекција, слики и мебел кои семејството Виндзор ги собирало низ вековите.

Десното око на монархот беше забележливо црвено кога се сретна со Макрон. Извор од Бакингемската палата рече дека му пукнал крвен сад во едното око, што не било поврзано со ниедна друга здравствена состојба.

Денот ќе заврши со државна вечера во замокот Виндзор, на која ќе се обратат британскиот крал и францускиот претседател пред околу 150 гости. 6

Во продолжение на посетата на францускиот претседател, разговорите меѓу Макрон и Стармер ќе се насочат на низа прашања – како да се запре шверцувањето луѓе и да се подобрат економските и одбранбените врски во моментот кога САД се оддалечуваат од својата традиционална улога на бранител на европската безбедност.

Иако постоеја тензии околу обликувањето на односите по Брегзит и начинот на спречување на барателите на азил да го минуваат Ламанш со чамци, Велика Британија и Франција тесно соработуваат во создавањето планирана воена сила за поддршка на Украина во случај на прекин на огнот со Русија.

Британските функционери се надеваат дека Макрон ќе се согласи на пилот-договор за враќање на барателите на азил. Тоа би вклучило депортација на еден барател на азил во Франција во замена за друг со легитимна причина за престој во Британија, со што би се нарушил деловниот модел на бандите кои шверцуваат луѓе.

Рекорден број баратели на азил пристигнаа во Британија со чамци од Франција во првите шест месеци од оваа година. Стармер, кој во анкетите заостанува зад десничарската партија „Reform UK“ на Најџел Фараж, е под притисок што побрзо да најде решение.

Франција досега одбиваше да потпише таков договор и велеше дека Британија треба да преговара за аранжман со сите земји од ЕУ.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата