Иран објави крај на војната со Израел

24.06.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Иран објави крај на војната со Израел

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денес во порака до нацијата објави „крај на 12-дневната војна наметната од Израел“ и рече дека не сака да се здобие со нуклеарно оружје, туку да ги реши сите несогласувања на преговарачка маса, објави новинската агенција ИРНА.

„Денес, по херојскиот отпор на нашата голема нација, која со решителност пишува историја, сме сведоци на стапувањето во сила на прекинот на огнот и крајот на таа 12-дневна војна наметната од авантуризмот и провокацијата на Израел“, напиша Пезешкијан, пренесе Индекс.

„Подготвени сме да ги решиме сите несогласувања на преговарачката маса“.

Тој повтори дека неговата земја не се обидува да се здобие со нуклеарно оружје, но дека ќе продолжи да го брани своето „легитимно право“ да развива цивилна нуклеарна програма откако ќе стапи во сила прекинот на огнот со Израел.

Во телефонски разговор со претседателот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Мохамед бин Зајед, Пезешкијан рече дека „со оглед на нивните односи со САД, очекува ОАЕ да им објаснат дека Иран сака само да ги оствари своите легитимни права“, додаде Ирна.

Иран, повтори Пезешкијан, „никогаш не се обидел да се здобие со нуклеарно оружје и не се стреми да го стори тоа“. „Иран е подготвен да ги реши сите несогласувања на преговарачка маса“, забележа тој.

Аналитичарите велат дека нападите на Иран врз американската база биле внимателно пресметани

Израел го нападна Иран на 13 јуни, обвинувајќи го теократскиот исламистички режим дека се обидува да се здобие со атомско оружје, уништувајќи стотици воени и нуклеарни објекти. Исламската Република одговори со лансирање стотици ракети и беспилотни летала кон Израел.

Во неделата, САД извршија невидени напади врз три ирански нуклеарни објекти. Двете страни остануваат длабоко поделени околу прашањето за збогатување на ураниум. Иран тврди дека ова е право за кое не може да се преговара, додека за Вашингтон тоа е „црвена линија“. Иран вчера испали ракети врз американска база во Катар.

Аналитичарите проценија дека иранските напади врз американската воена база во Катар биле внимателно пресметани за да се олесни излезот од непријателствата со Вашингтон и да се доведе до примирје со Израел.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата