БДП на Европската унија во вториот овогодишен квартал бележи квартален раст од 0,2 проценти, додека на ниво на Еврозоната тој изнесувал само 0,1 отсто, покажуваат прелиминарните и нецелосни податоци на Европската статистичка агенција – Евростат за економските перформанси на блокот во второто тримесечје од 2025 година.
Во периодот јануари-март 2025 година, кварталниот раст на БДП на ЕУ изнесуваше 0,5, а на ниво на Еврозоната - 0,6 проценти.
На годишно ниво, пак, растот на БДП во ЕУ изнесувал 1,5, а на ниво на Еврозоната - 1,4 отсто.
Меѓу земјите членки на ЕУ за кои има достапни податоци, најголем раст на БДП во споредба со претходниот квартал бележи Шпанија од 0,7 отсто, пред Португалија со 0,6 и Естонија со 0,5 проценти.
Од друга страна, најголем квартален пад на БДП е регистриран во Ирска од 1 процент, по што следуваат Германија и Италија со намалување од по 0,1 отсто.
Објавувањето на ваквите податоци доаѓа само неколку дена по постигнувањето на новиот трговски договор меѓу ЕУ и САД во неделата, со кој се воведува општа царина од 15 отсто на поголемиот дел од европскиот извоз на американскиот. Досегашната општа царина од извозот на ЕУ во САД беше 10 проценти, но новодоговорената царинска стапка е двојно помала од онаа што претходно ја најави Американската администрација од 30 отсто.
Повеќето економисти и аналитичари, предвидуваат дека трговскиот договор со САД ќе резултира со намалување на производство во ЕУ оваа година за околу 0,5 отсто, што би бил поголем пад од претходно проектираниот. Тие проценуваат дека договорот ќе резултира со намалување на овогодишниот економски раст на ЕУ за помеѓу 0,1 и 0,2 процентни поени во однос на претходните предвидувања.
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во вторникот ги коригираше своите прогнози за перспективите на економскиот раст на Еврозоната за 2025 година од претходните 0,8 на 1 отсто, со напомена дека во овие калкулации не е вклучено влијанието на трговскиот договор меѓу ЕУ и САД.
Во прогнозата на ММФ се наведува дека ваквата корекција е поттикната од „историски големиот раст“ на извозот на фармацевтски производи од Ирска во САД во првите три месеци од годината. Без ова зголемување, според ММФ, годишната стапка на раст во Еврозоната би била 0,9 проценти.
Сепак, аналитичарите наведуваат дека ваквите прогнози би можеле да бидат коригирани откако ќе бидат допрецизирани некои од засега недоволно јасните одредби од трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, пред се оние поврзани со европскиот извоз на челик, алуминиум, алкохолни пијалаци и фармацевтски производи.