Ништо ново, барем за оние фудбалери кои се најплатени. Па тка Кристијано Роналдо е најплатениот фудбалер во светот четврта година по ред, откри Форбс во својата најнова анализа за заработката на фудбалските ѕвезди. Се очекува португалскиот напаѓач на Ал Наср да заработи околу 267 милиони евра во текот на сезоната 2026/2027, повеќе од двојно од очекуваната сума за второпласираниот Лионел Меси. Годишната заработка на Меси се проценува на 129,2 милиони евра, додека Килијан Мбапе е на третото место со 89,1 милиони евра. Роналдо и Меси се на првите две места на листата на Форбс по 12-ти пат во последните 13 години. Според проценките на Форбс, Роналдо ќе заработи околу 222,8 милиони евра од договорот со Ал Наср, додека спонзорствата и другите деловни потфати ќе донесат дополнителни 44,6 милиони евра. За Меси, распределбата е различна. Се очекува аргентинскиот фудбалер да заработи 62,4 милиони евра од играње за Интер Мајами, а уште 66,8 милиони евра од спонзорства и деловни активности.
Се очекува десетте најплатени фудбалери во светот заедно да заработат околу 839 милиони евра, што е малку помалку од минатата година. Речиси половина од таа сума оди кај Роналдо и Меси. Тројца играчи на Реал Мадрид, Мбапе, Винисиус Жуниор и Џуд Белингам, се меѓу десетте, додека Ламине Јамал од Барселона, на само 19 години, веќе е на шестото место. Неговата годишна плата се проценува на 49 милиони евра. Анализата на Форбс се базира на проценките за приходите за сезоната 2026/2027, што ги зема предвид основните плати на играчите, бонусите и, во некои случаи, надоместоците за користење на нивните маркетиншки права.
Исклучок е Меси, чиј приход од играње е пресметан за календарската 2026 година поради различен распоред на МЛС. Пресметката, исто така, вклучува приходи од спонзорски договори, лиценци, јавни настапи, продажба на стока и деловни потфати во кои играчите имаат значителен удел во сопственост. Податоците се собрани од јавно достапни бази на податоци, вклучувајќи ја и Capology, и интервјуа со фудбалски агенти и други личности од индустријата.
Форбс нагласува дека бројките се проценки пред да се одбијат даноците и надоместоците на агентите. Заработката не ги вклучува надоместоците за трансфер, каматата или дивидендите, но вклучува приходи од продажба на сопственички удели. Сите износи во оригиналното истражување се изразени во американски долари, а овде се конвертирани во евра по тековниот девизен курс.
ОВА СЕ ТОП 10 ИГРАЧИ СО НАЈГОЛЕМА ЗАРАБОТУВАЧКА
Кристијано Роналдо 267 милиони евра
Лео Меси 129 милиони евра
Килијан Мбапе 89 милиони евра
Ерлинг Халанд 75 милиони евра
Винисиус Жуниор 67 милиони евра
Ламин Јамал 49 милиони евра
Садио Мане 48 милиони евра
Џуд Белингам 40 милиони евра
Хари Кејн 37 милиони евра
Мохамед Салах 35 милиони евра

