СКАНДАЛ ВО ПРЕМИЕР-ЛИГА: ВАР призна дека направил грешка за голот на Халанд!

14.09.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
СКАНДАЛ ВО ПРЕМИЕР-ЛИГА: ВАР призна дека направил грешка за голот на Халанд!
ФОТО:facebook.com/mancity

Судиската комисија во Англија призна дека е направена грешка, откако ВАР го призна победничкиот гол на Ерлинг Халанд за Манчестер Сити против Манчестер Јунајтед, игнорирајќи го влијанието на офсајд-позицијата на Енцо Фернандес. Голoт првично беше поништен поради офсајд на теренот, пред видеоасистентите да ја преиначат одлуката на судијата.

„Утврдено е дека Енцо Фернандес не играл со топката и поради тоа секое прекршување на правилата за офсајд станува субјективно. Сепак, во овој конкретен случај, ВАР не успеа да го препознае можното влијание на неговата позиција врз играта и требаше да препорача судијата да ја прегледа ситуацијата на мониторот покрај теренот. Вечерва стапивме во контакт со Манчестер Јунајтед за да признаеме дека сметаме оти станува збор за грешка во проценката. Ќе биде направена целосна анализа на инцидентот“, се наведува во официјалното соопштение.

Во полемиката се вклучи и поранешниот англиски судија Марк Халси, кој го дели истото мислење.

„ВАР направи многу сериозна грешка и овој гол воопшто не требаше да биде признат. Недозволиво е да се игнорира движењето на Енцо Фернандес. Кога фудбалер кој е во офсајд се фрла обидувајќи се да ја пресретне топката на само неколку метри од голот, тој директно влијае врз дефанзивецот покрај него. Лисандро Мартинез немаше како да остане статичен во таква ситуација. Ова е чист офсајд“, смета Халси.

Истото мислење го има и поранешниот шеф на Судиската комисија во Англија, Кит Хакет.

„Голот требаше веднаш да биде поништен. Енцо Фернандес направи целосно свесно движење за да игра со топката од офсајд-позиција и стана активен во моментот кога се фрли со глава напред. Објаснувањето дека тој не влијаел врз играта затоа што не ја допрел топката е целосна манипулација и погрешно толкување на фудбалските правила“, остро реагираше Хакет.


sportmedia.mk

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата