Во текот на изминатото лето многу се зборуваше за интересот на Реал Мадрид за Мајкл Олисе, но тогаш не дојде до трансфер. По завршувањето на преодниот рок, од Баерн Минхен во неколку наврати порачаа дека воопшто немаат намера да го продадат одличниот Французин.
Сепак, Реал Мадрид наводно направил сериозен чекор во обидот да го доведе францускиот репрезентативец од Баерн, а според информациите што рано утрово се појавија во јавноста, личните услови со фудбалерот веќе биле договорени.
Францускиот офанзивец е еден од најважните играчи на германскиот гигант, но интересот на Кралскиот клуб би можел дополнително да ги искомплицира плановите на Баерн, кој веќе извесно време се обидува да го обезбеди неговиот останок на подолг рок.
Наводно, Реал Мадрид ги договорил личните услови со Олисе. Сега мадриѓаните го чекаат следниот чекор и евентуалната реакција на Баерн.
Токму тоа ја прави целата приказна особено интересна. Баерн не сака да остане без еден од своите најголеми адути, поради што веќе бара начин да го обврзе со нов договор.
Олисе моментално има договор со Баерн до летото 2029 година. Сепак, челниците на германскиот клуб сакаат да ја продолжат соработката и да обезбедат Французинот и во следните сезони да биде еден од главните носители на играта.
Претседателот на Баерн, Херберт Хајнер, неодамна зборуваше за неговата иднина и јасно порача дека клубот нема намера да ги продава своите најдобри фудбалери.
„Баерн е клуб кој нема потреба да продава играчи. Одлуките ги носиме од позиција на сила. Мајкл има договор до 2029 година и се надевам дека еден ден ќе го продолжи“, порача Хајнер.
Слична порака испрати и почесниот претседател Ули Хенес, кој претходно ги отфрли шпекулациите за можното заминување на Олисе и најави разговори за продолжување на договорот во текот на сезоната.
Интересот на Реал Мадрид за Олисе не е новост. Флорентино Перез веќе подолго време бара врвни офанзивни засилувања, а францускиот репрезентативец со својот профил и квалитет целосно одговара на она што Кралскиот клуб сака да го има во своите редови.
Олисе во Минхен прерасна во една од најголемите ѕвезди на тимот, па евентуалното заминување би претставувало голем удар за Баерн.

