Најпознатата фудбалска топка заминува во историјата

17.11.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Најпознатата фудбалска топка заминува во историјата

Голема промена во европскиот клупски фудбал – американскиот спортски гигант „Најк“ ќе го замени германскиот „Адидас“ како официјален снабдувач со топки за натпреварите во Лигата на шампионите, почнувајќи од сезоната 2027/28. Со тоа завршува 26-годишната соработка меѓу УЕФА и „Адидас“, компанија чии препознатливи топки со ѕвездениот дизајн станаа еден од симболите на најелитното европско клупско натпреварување.

Одлуката ја потврди компанијата УЦ3, заедничко тело на УЕФА и Европските фудбалски клубови, кое управува со комерцијалните права на клупските натпреварувања. Договорот со „Најк“ ќе важи од 2027 до 2031 година, односно во период од четири сезони.

Соработката ќе има поширок опсег и нема да се однесува само на Лигата на шампионите. „Најк“ ќе ги произведува официјалните топки и за Лига Европа, Конференциската лига, Суперкупот на Европа, Младинската лига на УЕФА, како и за Лигата на шампионите во футсал. Ова ќе биде првпат сите три главни машки клупски натпреварувања на УЕФА да имаат ист производител на официјалните топки.

„Адидас“ ја снабдува Лигата на шампионите со топки од 2001 година, а соработката беше продолжена во 2024 година и требаше да трае до крајот на сезоната 2026/27. Така, актуелната сезона ќе биде последна во која ќе се игра со топки на германскиот производител. Препознатливиот дизајн со ѕвезди, кој со години беше тесно поврзан со идентитетот на натпреварувањето, засега останува без потврден наследник.

Сè уште не е објавено како ќе изгледаат новите топки на „Најк“, ниту дали ќе биде задржан некаков елемент од традиционалниот дизајн. УЕФА најави дека дополнителните информации за изгледот и технологијата на новите модели ќе бидат објавени во наредниот период.


sportmedia.mk

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата