Легендата на Ливерпул, Стивен Џерард, смета дека Манчестер Сити треба да биде жестоко казнет поради прекршувањата на финансиските правила во англиската Премиерлига. Поранешниот капитен на „црвените“ бара одземање на освоените титули, забрана за трансфери и одземање бодови во период од неколку сезони.
Џерард смета дека казната мора да биде пример за другите клубови и да покаже дека прекршувањата имаат сериозни последици. Сепак, тој не е за исфрлање на Сити во Чемпионшип, бидејќи тоа би било неправедно кон клубовите што се борат за пласман во елитата. Англиската легенда, чиј Ливерпул во сезоната 2013/14 остана без титулата во трката со Сити, нагласи дека не сака дополнително да добие медал за шампион на Англија доколку титулата му биде одземена на ривалот. Според него, таквото признание не би имало иста вредност.
Џерард посочи дека евентуалната казна не треба да биде насочена кон фудбалерите, туку кон клубот. Тој смета дека Премиерлигата мора да покаже доследност, особено по санкциите што претходно ги добија други англиски клубови.

